На 28-от роденден на балканската музичка легенда, Тоше Проески, постхумно ќе биде промовиран албумот „The Hardest Thing“. Албумот е испеан на англиски јазик и требаше да му го отвори патот кон светската слава. Во тоа го спречи страотната сообраѓајна несреќа што се случи на 16-ти- октомври 2007 година во Хрватска.
Албумот, што ќе се промовира денеска во Домот на АРМ во Скопје, е со првичен тираж од околу 150.000 примероци за пазарите во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија.
Покрај насловната „The Hardest Thing“, промовирана минатата година на Хрватскиот радиски фестивал, „Арија“ – дуетот со италијанската пејачка Џана Нанини и дуетот со неговиот внук Кристијан (My Little One), што беше промовиран на концертот за Тоше во Скопје, албумот ќе содржи и други песни непознати за јавноста. Тие се снимени во Лондон, Јамајка и Ирска, во соработка со англискиот композитор Енди Рајт.
„The Hardest Thing“ наредната седмица ќе биде промовиран и во Белград, Загреб и Сараево. Обвивката на осмиот албум на Тоше ја избраа фановите, а дизајнот е на Жарко Стојановски. На на неа е ликот на Тоше, а во темно сина позадина е Крушево во ноќ и небо на кое симболично се истакнува една, најсјајна ѕвезда. Албумот „The Hardest Thing“ во продажба ќе биде пуштен денеска.
Покрај албумот „Аворд“ продукција го заврши снимањето на документарниот филм посветен на кусата, но блескава кариера на Тоше, кој од 12 февруари ќе се прикажува во киносалите во регионот.