Во рамки неофицијалниот дел на Струшките вечери на поезијата денеска од 10 до 21 часот на Саемот на книга во Струга ќе има книжевни промоции на македонската поетска продукција, а ќе се одржи и Трибина посветена на книжевноста за деца. На летната сцена на „Домот на поезијата“ со почеток во 21 часот ќе има проекции на поетски филмови во соработка со Фестивалот на поетски филмови „Зебра“ од Берлин, Германија.

Официјалниот дел од програмата на поетскиот фестивал започнува утре на 26-ти август со почеток во 10 часот во „Паркот на поезијата“ во Струга каде ќе се одржи традиционалното садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“.

Истата вечер во хотелот „Дрим“ ќе биде отворена изложба на Александар Ѓорѓиев, по што во 20:30 пред платото на „Домот на поезијата“ ќе се одржи Свеченото отварање на фестивалот. По меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ предвиден е настап на музичката група „Фолтин“. Потоа ќе следува Поетско читање на учесниците во поетската платформа „Версополис“ и „Ноќ без интерпункција“.

OhridNews