Промоција на монографија и изложба на уметнички дела од охридскиот уметник Јордан Манасијески ќе се одржи во КИЦ Офицерски дом Битола денес, во соработка со КИЦ Битола и Галеријата Букефал од Охрид.
Промоцијата на монографијата е закажана за 18 часот во Свечената сала, а изложбата веднаш потоа во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола.
За монографијата и сликарот ќе зборуваат ликовниот критичар и графичар Владо Ѓорески и ликовниот уметник Панде Петровски, како и уредникот на монографијата Љупчо Жупан.
Инаку, монографијата посветена на големиот македонски уметник Јордан Манасијески од Охрид, чии автор е проф.д-р Владимир Величковски е екслузивно издание од 480 страници – тврд повез, со преку 300 репродукции во боја и двојазичниот текст на македонски и англиски јазик.
Со тоа таа има енциклопедиско значење, особено што содржи критички осврти од повеќе историчари на уметност и тоа: Салваторе Русо – Италија, Рути Такер – САД, Санда Станачев Бајзек – Хрватска, Драган Јовановиќ Данилов – Србија, Бисера Валева – Бугарија и од македонските критичари и вљубеници во уметноста Никола Николовски, Зекман Ракиповски, писателите Киро Донев, Трајан Мартиновски и новинарот Милчо Јованоски.
Ова издание претставува епилог на целокупната досегашна уметничка кариера на Манасијески, во која се документирани настаните од домашната и меѓународната уметничка сцена: промоции, изложби, учества на Интернационални уметнички салони за модерна уметност и добиени награди. Дополнителен акцент е даден и на изработката на стриповите, кои опфаќаат еден голем дел од неговата уметничка кариера, а претставени се и мал дел од неговите преку 2000 идејни дизанерски решенија. Подготовката на монографијата траеше повеќе од 6 години.
Техничката подготовка и графичкиот дизајн го изработи Боби Ќосев, а уредник на монографијата е неговиот долгогодишен промотор во светот Љупчо Жупан.
По промоцијата, љубителите на ликовната уметност ќе имаат прилика да уживаат во уметничките креации на сликарот Манасијески, кој ќе изложи повеќе од 30 уметнички дела изработени во повеќе техники и од различни периоди.
На оваа свеченост, ликовниот уметник Јордан Манасијески ќе биде промовиран и како редовен член во Македонското научно друштво Битола, кое е најстарото научно друштво во нашата земја основано во 1960 година.
OhridNews