Топлината на лирско-интимните „Дождови во мај“ на Даница И. Лепојевиќ ќе се претопи со охридските езерски бранови. Промоцијата на ова иновативно, интерактивно и хибридно дело е закажано за утре во кафе бар Шила со почеток во 17:00 часот.
„Дождови во мај“ е интерактивно четиво кое инстантно му се обраќа на читателот… Нешто меѓу книга поезија и таен дневник, зачинети со Инстаграм-содржина… Односно сè заедно. Составено е од поезија и дневнички записи во печатен формат и аудиовидео материјал поставен на Инстаграм-страница до која се стигнува со QR-кодови распоредени низ страниците на самата книга. Ова е прво дело со ваква структура и содржина во нашата земја, како и со ваква презентација пред читателот, велат од Издавчката куќа „Полица“.
Со необичниот и холистички пристап кон внатрешниот свет и творечкиот процес на авторката, додаваат, таа ги поканува читателите директно и длабоко во нејзиниот интимен „дом“, нудејќи ги сите медиуми на негово искусување – зборот и чувството, цртежот, фотографијата и видеото, звукот и наративот.
Книгата ќе ја промовираат Марина Икономова Шокева, поетеса и Мерсиха Исмајлоска, книжевник, а освен нив стихови ќе чита и ќе говори и онаа што се радува најмногу на ова – самата авторка.
OhridNews