Во рамките на одбележувањето на 8-ми Декември, Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид, денес од 12.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде промовирана книгата „Црковните библиотеки во Охрид и охридско“ од м-р Мариче Боздоганова, советник – библиотекар во оваа установа.
Манастирите и црквите се првите универзитети на ракописната традиција од каде се црпат податоци за нашиот културен и историски идентитет. Охрид низ вековите претставувал главно културно-просветно жариште во Македонија. Во него факелот на културата и просветата го запалил Климент Охридски и неговите ученици и соработници кои ги создале првите книжевни фондови на македонските манастирски и црковни библиотеки, вели авторката м-р Боздоганова.
Додава дека во текстот се опфатени неколку библиотеките од црквите од Охрид и охридско, како и книги кои се дел од богатата библиотека на НУ Завод и Музеј – Охрид.
Целта е да се даде слика на културното книжевно наследство од XVIII и XIX век во Охрид и околината. Анализирана е староста, писмото, темите и стил на кој се пишувани, како материјалот на кој се печатени – издадени книгите, посочува Боздоганова.
Како соработници во издавањето на овој вреден материјал кој на овој начин се трга од заборавот се јавуваат м-р Елена Станкоска и Елизабета Бојчевска, а промотор ќе биде м-р Милчо Јованоски.
OhridNews