Под мотото „80 години од ослободувањето на Република Македонија и 80 години слободно Вевчани“ во Вевчани се одржува културната манифестација „Вевчанско културно лето – Вевкул 2024“.
Во рамките на манифестацијата, како што соопшти организаторот, утревечер во црквата „Свети Никола“ ќе се одржи промоција на монографијата „Свети исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска“ од авторите Виктор Недески и ставрофорен протопрезвитер Александар Димоски.
Во програмата, која ќе се реализира во текот на целото лето, предвидена е и промоцијата на книгата со песни „Вевчани во срце те носам“ од отец Зоран Попоски и на романот „Мртва коска“ од Димче Парталоски, добитник на наградата „Пегаз“ за 2023 година.
Во рамки на овие значајни одбележувања планирана е и промоција на стихозбирката „Цветни симфонии“ од ученичката Стефанија Џутеска од струшкото село Пискупштина, како и на книгата песни „Кординати на болката“ од Александра Спасевска. Програмата вклучува и изложба на фотографии на тема „Руралната жена од Дримкол низ објективот“ од фоторепортерот Стојан Кукунешоски. Љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја посетат изложбата на карикатури „Губилиште“ од Анастас Ќушкоски, писател, уметнички фотограф и карикатурист, соопшти организацискиот одбор на Вевкул.
Дел од активностите е и креативна работилница со ученици од Основното училиште „Страшо Пинџур“ на тема „Сакам да бидам новинар – како да станам писател“.
OhridNews