Во чест на роденденот на најголемиот писател за деца на сите времиња Ханс Кристијан Андерсон, (роден на 2 Април 1805) од 1967 година 2 Април се слави како Светскиот ден на литературата за деца. По тој повод, денес од 11 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата за деца „Езерото ми раскажува“ од роднокрајната авторка Марина Шикова – Димовска.
Книгата содржи 14 куси раскази, а авторката Шикова – Димовска во предговорот ќе рече: „На овие страници запишани се приказни што ги раскажуваат големите и мали езерски далги, коишто секојдневно се сведоци на безброј интересни, но и чудесни случки“…, велат од охридската Библиотека.
Шикова – Димовска додава дека во расказите читателите – пред се’ децата читајќи ги, ќе се сретнат не само со тајните од подводниот свет, туку и со приказни за нивните врсници, за оние што живеат во близина на Езерото и нивните секојдневни авантури.
Промотор ќе биде м-р Милчо Јованоски, а промоцијата ќе има интерактивен карактер. Ученици од ОУ „Св. Климент Охридски“ откако ќе слушнат неколку раскази ќе имаат време да поразговараат со авторката а потоа своите импресии да ги изразат преку цртежи, додаваат од Библиотеката.
Издавач на книгата е ПНВ Публикации а изданието финансиски е помогнато од Општина Охрид.
OhridNews