Во четврток, 26.07 2018, од 19:00-21:00ч. во кафе и бар Шила“ во Охрид ќе биде промовирана збирката хаиги и поставена изложба на хаиги „Поврзи се…“ од Дијана Петкова и Камелија Шојлевска, уште еден настан во низата квалитетни културни вечери организирани во „Шила“-концептуален кафе-бар којшто сè повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид. Отворени за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма, во „Шила“ ги охрабруваат креативците да го промовираат своето дело.

Проектот „Поврзи се…“ содржи 50 хаику песни од Дијана Петкова и 50 фотографии од Камелија Шојлевска инспирирани од природните убавини на Македонија, споени во хаиги.

Хаику е кратка јапонска поетска форма. Тоа е песна составена од три стиха со вкупно 17 слога. Во хаику стиховите авторт го впишува своето моментално расположение и доживување предизвикано од набљудувањето на природата или природните појави. Хаику е поезија на секојдневието.

Хаига е стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Хаигата се заснова на едноставни, но и длабоки набљудувања на секојдневието. Современата хаига е поврзување на хаику песна со фотографија (цртеж, графика, колаж, акварел), коишто за читателот и гледачот претставува вербално и визуелно доживување на моментот.

Рецензија за книгата напиша Катерина Ангеловска-тренерка за личен развој.

-„Поврзи се…“ е подарок за сите нас, подарок што ни овозможува да се поврземе со нашето суптилно јас и нè тера повторно да копнееме. „Поврзи се…“ е враќање дома.“
„Поврзи се…“ е враќање дом. – вели Ангеловска.

Книгата ќе ја промовираат авторките, а хаигите ќе биде изложени во кафе-галеријата „Шила“ до 30.07 2018.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи.

Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“, „Стожер“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“од Светлана Христова-Јоциќ (2012) и во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016).

Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“(1999), „Деца од свила“ (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ (2014), „Мамо што има за јадење?“ – хаику готвач за свесни мажи и жени (2016) и „Енсо•Поврзување со целоста“ (2017).

Камелија Шојлевска е родена во Скопје. Дипломирала на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ на групата Историја на уметност со археологија. Нејзината голема љубов за комуникација ја одведе кон професијата на телевизиски новинар во МРТ, каде што иницира многу проекти на полето на културата, социологијата, образованието и забавата, работејќи како ТВ и радио водителка и новинарка во програмите во живо.

Беше дел од тимот којшто го иницираше екпрерименталниот канал 3 на Македонската радио телевизија, којшто подоцна ќе стане модел за приватните телевизии што ќе се отвораат во македонскиот етер. Иницираше нов начин на презентација и комуникација коишто во својата основа ги вклучија квалитетите на слобода на говор и размислување, покажувајќи ја својата голема потреба за естетика и убавина.

Таа е првата новинарка – дописнчка на CNN World Report во текот на 1991-1992, по осамостојувањето на Македонија. Во 1992 како избрана на конкурсот на CNN, го посетува Инернационалниот професионален програм на CNN каде што учи за потребата на новинарот слободно да размилува и да ги има во себе интегритетот и кредибилитетот.

Авторка е на првиот женски метафизички роман „Небесен човек“ издаден 1994, а 2010 издаден во Америка под наслов „Quantum Woman Celestial Man“. Пишува сценарија: „Под куполата“ и „Бисерот на Црвеното Море“.

Изработи серија „Низ Македонија“- 24 епизоди на патување низ земјата.

OhridNews