Центар за култура Струга - летна сцена
Од 27.07.2018 - 20:30 до 27.07.2018 - 21:30
Во петок, 27 јули, со почеток од 20,30 часот, на Летната сцена од НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, издавачката куќа Темплум, ќе го промовира Собраното творештво на Димитрие Дурацоски, познат писател и сликар кој живее и создава, на двете води, во Струга.
-Значи ве канам сите љубопитни и пријатели кој ќе бидете во Струга да дојдете да се видиме. Убаво би било да не врни, да гледаме ѕвезди на небото над Струга. Треба нешто да кажат за книгите: Живко Гроздановски, Никола Гелевски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Шелева и Тихомир Јанчовски. – порачува Дурацоски.
Димитрие Дурацоски (1952, Струга), дипломирал на Школата за применети уметности, сликарски отсек, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Објавува раскази, куси прози и есеистички текстови во списанијата: Разгледи, Современост, Стремеж, Тренд, Летопис Матице Српске, Поља, Шветлосц, Нови живот (Нови Сад), Живот, Израз, Даље, Сарајевске свеске (Сараево), Лаус (Риека), Књижевна Реч, Књижевне новине, Књижевни магазин (Белград), Наше писмо, Блесок, Стожер, Окно и во повеќе дневни весници и списанија. Бил припадник на литературната група Петти круг. Членувал во редакциите на списанијата Даље, Форма, Далги и Стожер (гласило на Друштвото на писателите на Македонија).
Застапуван е во повеќе домашни и меѓународни збирки и антологии, а неговите литературни и ликовни дела се застапени и се предмет на анализа во повеќе студии и книги за теорија на ликовната уметност и литературата.
Ги објавил монографиите Струга, град, вода, луѓе (1995), Струга вчера и денес (2003), Откривање на другиот (2004) и мапата Икони од Струга (2006), Ги објавил книгите раскази: Тајна историја, 1986 година; Црни пророци, 1996 година; романот Инсомниа, 2001 година за која истата година ја добил наградата за најдобра книга во Македонија – Рациновото признание. 2014 година ја објави книгата Бледи сенки далечни гласови за која 2015 година повторно го добил Рациновото признание. Добитник е на 8-ноемвриската награда на град Струга во 1986 година од областа на културата и уметноста.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.
Во текот на изминатите години реализирал повеќе самостојни изложби и соработувал со многу автори од областа на ликовните уметности и од литературата во земјава и надвор од неа.