Денеска, недела, со почеток од 20:30 часот, во дворот на храмот Св. Никола во Вевчани, ќе се одржи промоција на првиот видео запис на Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“.
Пред ококлу четири години го снимивме своето прво аудио ЦД, кое беше во издание на „Сенатор“ продукција од Битола и кое опфаќаше шест обработки на изворни ора и песни и едно мое авторско оро. Како продолжение на овој проект, се јави потребата истиот да го визуелизираме, па така настана и овој видео запис за орото „Ориент микс“, кој е прв снимен и за кој се надеваме дека ќе се допадне на публиката. – изјави основачот и член на Оркестарот, Славе Кукоски.
Овој видео запис е снимен на неколку атрактивни локации во Вевчани, но пред се се става акцент на Вевчанските извори. Спотот е снимен во висока резолуција со употреба на најсовремена опрема од страна на „Шпанец“ продукција од Охрид. Оркестарот изразува благодарност и до членовите на КУД „Дримкол“ од Вевчани кои учествуваа во драматизацијата на видео записот.
Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“, е формиран во 2001 година, како оркестар соствен од две зурли и два тапани, и до ден денес, веќе осумнаесет години опстојува, ја негува, обработува и промовира изворната музика наменета за овој вид инструменти.
На промоцијата поканети се сите љубители на убавата музика.
OhridNews