Вечерва, од 18.30 часот, во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, ќе биде промовиран најновиот роман на академик Луан Старова „Ервехе“, објавен на бугарски јазик. Делото на Старова, пред бугарската публика ќе го претстави класикот и великан на бугарската литература, Антон Дончев, кој го напиша и предговорот на бугарското издание.

Вчера и денеска, во очи на промоцијата, бугарскиот печат е полн со информации за настанот, претставен како случување на годината, со најави и пошироки претстави за авторот од Македонија.

Најновото четиво на академик Старова, е претстава за мајката која го посветила животот на преживувањето на нејзините деца и семејство во бурни времиња на Балканот во 20 век, кога границите меѓу државите се менуваат и семејства се принудени да станат емигранти за да преживеат. Романот е препорачан и како пофалба за жената и мајката и во време кога се разнишани темелите на семејството, тој пишува дека „ќе биде направено најмногу за светот ако секој го сака своето семејство“.

Исполнета со многу љубов и топлина, оваа книга е за една мајка која го посветила својот живот на преживувањето на нејзините деца и семејство. Нејзината судбина е индикативна на фонот на големите катаклизми на Балканот во 20 век, кога границите меѓу државите се менуваат, власта се променува, се создаваат и паѓаат империи, а цели семејства се принудени да станат емигранти, за да преживеат.

Границите на Балканот се толку променливи што и самата Ервехедоста често не може лесно да разбере каде започнува и каде завршува туѓината и каде – татковината.

Академик Луан Старова е македонски писател од албанска националност, професор по француска литература, заменик-претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Неговите книги се преведени на многу јазици и имаат добиено големи литературни награди: „Роман на годината“, „Рацинова награда”, „Стале Попов“, „Жан Моне” за најдобар европски роман „Ангелус“ за најдобар роман во Централна и Источна Европа.

OhridNews