Во рамките на одбележување на јубилејот 60 години „Охридско лето“, вечерва, со почеток од 20 часот во предворјето на Св. Софија, ќе биде промовирана монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска. Модератор на промоцијата ќе биде новинарот Милчо Јованоски а свое обраќање ќе има и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Достојно за големината на Фестивалот со оваа публикација трајно ќе ја сочуваме богатата историја на нашата најголема музичко сценска манифестација. Многу врвни уметници тука, на фестивалската сцена, оставиле свој белег и се заслужни за успесите на Фестивалот. Со нивните врвни настапи придонеле бројни љубители на уметноста да го сакаат и помагаат Охридско лето. Благодарни сме на сите градители на ова големо дело. Токму затоа огромна е честта што имаме прилика да промовираме монографија во која се испишани 60 години успешна приказна на Фестивалот, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Поповиќ потенцира дека Монографијата е посветена на сите оние кои изминативе шеесет фестивалски изданија го граделе Охридско лето но и на оние кои доаѓаат, на генерации уметници и почитувачи на уметноста кои ќе бидат дел од оваа врвна манифестација.
Монографијата „Фестивалска приказна” е пишувана на македонски и англиски јазик, со што се потенцира интернационалното значење и интерес за фестивалот „Охридско лето“ – член на Европската асоцијација на фестивали.
Интенцијата на авторите е да создадат дело, кое ќе биде напишано со јазик, прифатлив и интересен и за пошироката публика. Јазик, насочен кон збогатувањето и разнообразноста на сознанијата за фестивалот „Охридско лето“, за неговиот почеток, развој и културолошко значење, особено сознанијата на помладата, нова генерација фестивалски вљубеници. – велат од „Охридско лето“.
Монографијата „Фестивалска приказна” е богато илустрирана, како со фотодокументи од бројни настапи на врвни уметници, така и на начин кој неминовно ја поцртува поврзаноста на Охридско лето со суштината и историските специфики на самиот град Охрид.
OhridNews