Библиотека „Григор Прличев“

Од 15.12.2022 - 12:00 до 15.12.2022 - 13:00

Романот за деца „Во душата на немиот свет“ од писателката и поетеса Даниела Илијоска, ќе биде промовиран во четврток, 15-ти декември, во НУ Градска библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Книгата е во издание на Здружението за литература и други уметности „Креативна верига“, а финансирана од Министерството за култура. Водител на настанот е Јордан Коцевски, додека рецензент и промотор е Маја Мојсова. Воведен збор ќе има директорот на библиотеката, Милчо Јованоски.

Романот за деца „Во душата на немиот свет“ енергично пулсира, канејќи ги на книжевна авантура не само децата, туку и возрасните. Отворени се сите двонасочни патеки, за размена на мислења, но и взаемно учење на едни од други, децата од возрасните, и обратно. Како катализатор во овие односи, се јавува повторно шумата, со сите нејзини жители. Симболично, пораките кои ги оставаат растенијата, животинките, птиците, но и останатите елементи од природата и појавите, се всушност пораки, кои човештвото треба континуирано да ги пренесува и применува кај секои нови и нови генерации. А, случките во романот, дел се предизвикани од природните текови, вообичаени појави, што се случуваат во таква средина, а дел ги носат влијанијата на човекот кон природата. Со подеднакво изразен интерес читателот ги следи и оние позитивните, и оние негативните дејства на децата и возрасните во шумската средина. – се вели, меѓу другото, во рецензијата за книгата.

Романот, покрај своите уметнички вредности, се вбројува и во листата на дела, што ја збогатуваат литературата за деца, која во последно време сѐ повеќе се популаризира.

Промоцијата во охридската библиотека ќе биде со почеток во 12:00 часот.

OhridNews