Сабота, навечер, од 20 часот, на просторот на Лапидариумот при Музеј и завод од Охрид (Куќа на Робевци), ќе биде промовирано најновотo издание на издавачката куќа „Авант прес”, студијата насловена „Балканскиот етнички феникс (Историско-етнографски аспекти за заедницата на Балканските Еѓипќани)“ од д-р Рубин Земон.

За книгата ќе говорат проф. д-р Ѓорѓи Тоновски и проф. д-р Зоранчо Малинов, кои се и рецензенти.

Трудот е едно од ретките четива со кои во македонската социјална мисла сериозно и интегрално се актуелизира, истражува и се продлабочува знаењето за етничката структура на македонското општество… Тој, не само што ќе ги збогати нашите сознанија за оваа проблематика, туку може да послужи и како провокација за нови истражувања и на евентуални други делови од недоволно истражената етничка структура на балканските општества, вклучувајќи го и македонското. –  вели проф. д-р Ѓорѓи Тоновски.

Со оваа книга д-р Рубин Земон не само што ги поставува темелите, туку и доаѓа до едни конечни и завршни форми на еден, релативно, нов историски наратив – оној на етногенезата и историјата на балканските Египќани додава Проф. д-р Елена Марушиакова.

Рубин Земон е етнолог, односно социо-културален антрополог. Докторирал на Етнографскиот институт со музеј при Бугарската Академија на науките во Софија, Република Бугарија, во 2005 година. Бил научен соработник во Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро – Балкан“ во Скопје, универзитетски професор при Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во 2016 година е назначен за директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро – Балкан“ во Скопје.

На повеќе наврати е ангажиран како експерт/консултант од страна Советот на Европа, како и ОБСЕ/ОДИХР за различни мисии, проекти и проблематики поврзани со националните малцинства и мултикултурализмот, во разни држави на Европа, особено во земјите на Југо-источна Европа.

Позната е неговата активност и во граѓанскиот сектор во земјата и странство како претседател на Сојузот на балканските Египќани, член на претседателството на Македонското етнолошко друштво, член на претседателството на Мрежата за мултикултурно општество и слично.

OhridNews