По компилацијата со најголемите хитови на Влатко Илиевски „За љубов се пее до крај“, објавена во 2020 година, на иницијатива на семејството на Влатко, на 2 јули ќе биде промовиран уште еден негов албум „Последно танго“, составен од необјавени песни.

Во ресторанот на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, во присуство на неговите најблиски соработници и пријатели, за прв пат ќе бидат претставени песните кои, пред неговото трагично заминување, биле подготвувани за неговиот нов студиски албум.

Како што информираат од „Кроација рекордс“ станува збор за колекција од 14 песни, кои авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова…, како и легендарниот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача.

Албумот го отвора извонредната „Дајте му ја“, исполнета на „Охрид-фест“ 2017-та, по која следат „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Сè ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (од фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија 2016-та), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“ („Макфест“, најслушана песна меѓу два фестивала), веќе споменатата „Не желиш крај“, како и „Сети се“ и „Божикна песна“, снимени со хорот „Златно Славејче“.

Како посебен куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски (која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмооделенец) – „Together Again“, неговото авторско дело, за која самиот го сними и соло на гитара. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски – Маци (бас), од групата „Steel Temple“.

Саботната промоција на Влатко, во чест на неговиот 37-ми роденден, е замислена како весел настан од отворен тип.

OhridNews