На првиот ден од „Викенд без ДДВ“, вчера (10 октомври), прометот од македонски производи е зголемен за трипати, соопшти Управата за јавни приходи по обработените податоци.
На граѓаните кои вчера ја искористиле оваа мерка, ќе им се врати целосниот ДДВ за купените македонски производи / услуги, како и за купена компјутерска опрема, во рок од 15 дена од издадената сметка односно до крајот на овој месец, соопшти УЈП.
Мерката трае заклучно со утре, 12 октомври, а граѓаните треба да ги скенираат сметките во рок од три дена по нивното издавање.
Инспекциските служби за време на викендот без ДДВ, спроцедуваат интензивни контроли на терен, во делот на почитување на здравствените протоколи, како и на цените на производите.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе врши контрола дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите. Паралелно ДПИ, ќе спроведува интензивни контроли во однос на почитување на здравствените КОВИД протоколи во моловите и трговијата на мало (маркети, бутици итн). Конкретно, во моловите, дали се почитуваат мерките во делот на одржување на физичко растојание меѓу купувачите и продавачите од 1,5-2м, работно време, дали е обезбедена заштитна опрема (маски и ракавици), одржување на ред за влез во продавниците, обезбедени средства за дезинфекција, редари, регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, ред при пробување во продавниците за облека, обeлежани места за чекање пред касите и друго. Во делот на трговијата на мало, ќе се контролира почитувањето на протоколите во однос на запазување на големината на објектот и дозволеното присуство на бројот на купувачи, заштитна опрема за вработените (маски и ракавици), редарска служба, соодветни ознаки за правец на движење. За непочитувањето на здравствените протоколи предвидени се глоби во зависност од големината на трговците. – соопшти Државниот пазарен инспекторат.
Воедно, продолжуваат интензивните контроли од страна нa сите инспекциски служби во зависност од нивните надлежности (Државен санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за труд, Агенција за лекови) во однос на почитување на здравствените протоколи, информира владината прес служба.
OhridNews