Променливото време го зголеми бројот на прегледи во Итната медицинска помош, а зголемен е и бројот на интервенции во Детското одделение при Општата болница во Охрид. Сепак лекарите смируваат не е алармантно.
На променливото време страдаат лицата со хронични болести, најмногу со опструктивна белодробна болест.
Овие денови имаме зголемен обем на работа. Станува збор за пациенти со хронични болести, кардиопати, луѓе со опструктивни белодробни болести кај кои се појавува отежнато дишење, како и пациенти со зголемен крвен притисок. Препорачуваме редовно да се прима препишаната терапија, навремено, да не се прескокнува. Кога ќе е времето влажно да не излегуваат надвор луѓето што имаат опструктивни белодробни болести, тешки кардиомиопати, за да се заштитат барем од влагата, вели Д-р Љупка Николоска, началник во Итната медицинска помош Охрид.
Потенцира дека периодов нема зголемен број на визрози, иако сеуште тлеат, односно доаѓаат пациенти со температури, но не е нешто сигнификантно како што беше во јануари и февруари. Додава дека овој период повеќе страдаат хорнично болните.
На променливото време најчесто реагираат децата кои имаат хронични болести на белите дробови, информира началникот на Детското одделние од Општа болница Охрид доктор Орхан Зекир.
Слично како и кај возрасните, реагираат децата кои се со превентивна терапија против напади на хронична опструктивна болест, детска астма. Реагираат со потешки напади, кои зачестуваат при променливо време. При промена на топло па студено време се појавуваат и настинките, организмот реагира. Овие настинки создаваат подлоги за развој на вирусни и бактериски инфекции коишто можеби не предизвикуваат некои големи проблеми, но се зголемува бројот на инфекции, потенцира Зекир.
Според него бројот на прегледи не е мал, а имаат и пациенти кои примаат дневна терапија, бидејќи како што појасни се работи за стегање на белите дробови, на дишните патишта, со што се намалува вентилирањето на белите дробови. Бројот, како што нагласи е покачен, но не е алармантно.
Дали тие ќе се манифестираат како обичен бронхит или како воспаление на белите дробови зависи и од отпорноста на организмот, времето кога се откриени, дали е со време почната терапијата, вели Зекир.
Апелира на внимание и на поленот од тревата, цвеќињата, двјата, бидејќи тој е најчест предизвикувач на нападите кај опструктивна белодробна болест.
Децата да ја земаат препишаната терапијата. Некогаш ја зголемуваме и дозата на превентивните лекови или ако сме прекинале и правиме пауза повторно ја воведуваме. Да се избегнува се што може да предизвика алергиски реакции, како прошетки по полиња со цвеќиња, трева и дрвја, секако за децата кои имаат проблем со алергиии, и да се внимава на исхраната, препорачува Зекир.
На Детското одделение според началникот не е зголем бројот на пациенти со стомачните вируси со оглед дека кај децата стомачните вируси ги има преку цела година.
Н.С.Ј.