Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Долж Повардарието повремено ќе засилува северен до северозападен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ-индексот ќе има вредност 7.

Во Охрид променливо облачно, попладне со услови за дожд. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 31 степени.

Според прогнозата на УХМР, нестабилност со послаб интензитет ќе има претежно до четврток до средината на денот. Потоа ќе започне период на стабилно време. Најпрвин дневната температура преодно ќе опадне и најсвежо ќе биде во четврток и петок кога ќе дува засилен северен ветер, а потоа температурата ќе биде во постепен пораст.

OhridNews