Времето денеска ќе биде променливо облачно и постудено, а на планините и на некои од повисоките места претежно во северните делови од земјата ќе провејува слаб снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец со брзина од над 60 километри на час. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 10 степени Целзиусови.

Во Охрид ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ноќта кон понеделник повремен слаб снег ќе има на планините и понекаде на повисоките места во северните делови. Потоа ќе биде студено, стабилно и се посончево. Утринските температури значително ќе опаднат преку неделата, а дневните ќе бидат во постепен пораст. Ветерот ќе остане претежно северен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка, Маврово, Плетвар и Ѓавато. Сите патни правци во државата се проодни, информира ЈП „Македонијапат“.

Оттаму нагласуваат дека е можна појава на поситни одрони на одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци.

ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

OhridNews