Охрид го избра д-р Кирил Пецаков за градоначалник. Откако официјално ќе го преземе мандатот во Општина Охрид, новиот градоначалник, како што најавуваше за време на изборната кампања, во фокусот на неговото работење ќе ги стави проектите за подобро живеење на сите.
Предизборните ветувања на Пецаков, кои охриѓани очекуваат да се остварат, вклучуваат отворање на нови работни места, подобра инфраструктура, модерно и современо образование, заштита од климатски промени и заштита на животната средина, правилен урбанизам, 365 дена туризам и вложување во развивање на атрактивен локален туризам, поддршка за спортот и културата, зачувување на природното и културно наследство, како и реализација на идеи од граѓаните.
Пецаков вети професионална и ефикасна администрација, и зајакнување на економскиот стандард во општината. Тој за време на предизборната кампања најави дека буџетот ќе го креираат граѓаните, согласно конкретните потреби.
Новиот градоначалник се заложи дека ќе работи на развивање на зелената агенда „Охрид зелен и хуман град“ со зголемена еколошка свест, така што ќе се зголемат зелените појаси во општината. Најави изградба на велосипедска патека од Охрид до Св. Стефан.
Здравата и чиста животна средина и разубавувањето на делот околу Охридското Езеро, како што истакна Пецаков е приоритет.
Во програмата од ВМРО-ДПМНЕ е предвидена и изградба на нов парк и зелената зона на потегот од споменикот на А. Ден Долард до каналот Студенчишта што ќе претставува ново уредено катче за поубав и позелен лик на градот.
Проектот за ревитализација на Студенчишкото блато, кој го најави Пецаков ќе придонесе за заштита на рибниот фонд, со посебен акцент на заштита на ендемичната охридска пастрмка, зголемување на протокот на вода и зачувување на целокупниот езерски екосистем и влез на Општина Охрид во биосферен резерват.
Просторот околу Студенчишко блато, според програмата од Пецаков ќе биде партерно уреден со пешачки патеки и пропратни елементи, инфо табли со презентирани информации поврзани со блатото. На одредени точки предвидено е поставување и видиковци од каде што посетителите ќе добиваат подобра слика за целиот простор.
Тој најави и реконструкција на пешачката патека Лабино -Далјан, и партерно уредување на зелениот простор кај стадионот Грашница , како и уредување на речното корито на река Сушица.
За заштита на животната средина, Пецаков најави поставување фотоволтаични панели на спортските објекти со што ќе се добие поголема енергетска ефикасност, а истите ќе бидат поставени на СРЦ „Билјанини извори“, на базенот и на трибината на Градскиот стадион.
На последната прес-конференција, Кирил Пецаков гарантираше решавање на предметите за бесправно изградените објекти од 2011, 2015 и 2016 година.
Тој истакна дека ќе води борба против создавање нови дивоградби и дивеењето во урбанизмот и дека ќе работи на раст и развој на стопанството со цел да се стопира миграцијата на младите и поттикнување на локалниот развој. Охрид го гледа како град на млади кои учествуваат во донесувањето одлуки. Младите ќе се стимулираат со стипендии и субвенционирање на талентираните млади кои се истакнуваат во одредана област.
Пецаков гарантираше промени, проекти и победи и во насока на правилната урбанизација. Се обврзувам, како што рече, на реконструкција на плоштадите „Крушевска република“ и „Св.Климент Охридски“ со што овие локации ќе добијат нов и модерен изглед.
Тој најави подобрување на инфраструктурата на повеќе места во градот, и тоа ќе го прави за време на целиот мандат. Пецаков најави максимална поддршка на угостителско-туристичкиот сектор во Охрид, а спортскиот туризам најави дека ќе се развива преку модерна база за подготовки на спортските екипи во Охрид.
Пецаков за време на изборната кампања најави и подобрување на инфраструктурата и во руралните средини, изградба на нови мултифункционални игралишта во охридските села и решавање на проблемите со водоснабдувањето, изградба на канализациона мрежа во оние места каде што нема, социјална грижа и еднаквост за сите лица.
K.A.