Во Охрид се гласа на 88 избирачки места, од кои 86 од нив остануваат на истите локации како и на последните парламентарни избори. Промени има само кај две избирачки места, информира Марга Димкоска од подрачната единица на Министерство за правда Охрид.

Избирачкото место 1256, кое беше сместено во Пожарна, за овие локални избори сместено е во зградата Братство единство, на улица „7-ми Ноември“. Гласачите запишани на избирачкиот список кои живеат на улица „Лазо Трпоски“ сите од број 1 до крај, треба да гласаат на избирачкото место 1274, што значи ќе гласаат во просториите на Музичкото училиште, информира Димкоска.

Во избирачкиот список за територијата на општина Охрид, запишани се 52 477 лица кои треба да го остварат своето право на глас на претстојните избори.  Димкоска додава дека во Дебрца нема промени на избирачките места, а запишани во избирачкиот список се 4350 избирачи.

Во Охрид пријавени за гласање се 199 болни лица и 23 Ковид позитивни. Во среда пристигнува доверливиот избирачки материјал, во четврток недоверливиот, додека терминалите за читање отпечатоци од прсти пристигнуваат во петок, информира од ОИК Охрид.

Први своето право на глас на овие избори ќе го искористат лицата што ќе се пријават да гласаат како болни и немоќни, болни од Ковид-19 или во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица. Тие гласаат ден претходно, на 16 октомври. Останатите граѓани своето избирачко право ќе можат да го оставарат на 17 октомври.

Н.С.Ј.