Концерт на грчките уметници Христос Гримпас-виолончело и Џорџ Емануел Лазаридис-пијано, наместо во 21 часот, ќе се одржи во 17 часот во црквата Света Софија. Причина за промената на терминот сеграничните протоколи за здравствена заштита за влез и излез во Република Грција, кои предвидуваат 14 дневен карантин доколку задржувањето е повеќе од 12 часа, информира фестивалот „Охридско лето“.

Умерникот Христос Гримпас (виолончело)е добитник на повеќе награди и признанија како оние од Пан-Хеленскиот натпревар за млади солисти како и од натпреварот за камерна музика „ХелЕкспо“, а исто така е наградуван од фондациите „Александра Трианти“ и „Александрос Оназис“. Како солист со окрестар настапува со Државниот оркестар на Солун, со оркестрите во Харково, Теплице, Днипине и Запорожје, како и со оркестарот „Синфониета“ од Софија. Со Симфонискиот оркестар на грчкото радио остварува две снимки и тоа на Концертот за виолончело од Мартину во 2002 г. и на концертот за виолончело и биг бенд од Фридрих Гулда во 2018. Активен е на полето на музичката едукација и учествува во повеќе едукативни проекти. Од 2002 г. е редовен член на Симфонискиот оркестар на Солун. Основач и член е на ансамблот „Транскрипшн“ со кој настапува во музејот „Тејт Модерн“ во Лондон, во Музејот „Кралица Софија“ во Мадрид, во „Мегарон“ во Атина, во музејот „Сабанџи“ во Истанбул и др.

Џ. Е. Лазаридис (пиано) е сестран музичар со повеќе од 30 годишно присуство на интернационалната музичка сцена како солист, композитор, едукатор и основач на повеќе нови културни институции. Неговите ментори биле: Јонти Соломон, Алфред Брендел, и Домна Евнухиду, а студирал на Кралскиот колеџ за музика и „Тринити“ Колеџот во Лондон. Лазаридис е активен на концертната сцена во престижни концертни сали од САД и Мексико до Европа, Русија и на Блискиот Исток, со настапи кој го носат на некои од најпознатите музички фестивали во Истанбул, Акс во Прованса, Монтереи, Свонси, како и во Карнеги Хол, Ројал Алберт Хол, Музикферајн, салата на Петербуршката филхармонија и многу други.

Настапува со филхармониските оркестри во Санкт Петербург, Хамбург, Стразбур, Варшава, Брно, со Кралската филхармонија во Лондон, со Филхармонијата на Француското радио како и со сите оркестри во Грција.

OhridNews