Идејата за подигање споменик  на охридскиот илинденец Христо Узунов,  нема да се реализира на денот кога се одбележува трагичната погибија на големиот револуционер (24 април), како што беше најавувано.

Идејата што минатата година ја покрена градоначалникот Петрески а беше прифатена од Советот на општината, несомнено ќе се реализира, велат од локалната самоуправа. Оттаму информираат дека во тек се подготовки за распишување Конкурс за идејно решение за изработка на споменикот.

Оваа фаза во реализацијата на идејата требаше да биде завршена до почетокот на годинава, но заради изборниот процес таа беше ставена во мирување за да не се толкува како изборен маркетинг или трошење народни пари во функција на избори“, изјави за Ohridnews портпаролот на локалната самоуправа, Никола Маневски.

Општината, додава Манески, не сакаше токму името на Христо Узунов да биде злоупотребено од било кого како „монета за поткусуривање“ и затоа сметаше дека е подобро за сите ако  претходно утврдената динамика временски се пролонгира отколку да се стави некаква дамка врз она што треба да е  оддолжување кон револуционерот и гордост за целиот град.

Како и да е, градончалникот Петрески стои на ставот дека овој споменик ќе биде подигнат, но изразува жалење што заради изборите и меѓупартиските препукувања, идејата немаше финале токму за претстојниот 24-ти aприл, денот кога се одбележува херојската погибија на Узунов во с. Цер“, вели Маневски.


Споменикот на Узунов ја чека изградбата на малиот плоштад

Како што е познато спомен обележјето на охридскиот револуционер ќе биде поставено на малиот плоштад кој треба да биде изграден на просторот каде се наоѓаше старата градска библиотека.  Токму од реализацијата на овој проект ќе зависи и поставувањето на споменикот на Узунов кој треба да го краси новиот плоштад кој сеуште не почнал да се гради.

Ohridnews