Охридските ракометари в сабота со почеток во 19 часот и 30 минути против Пролет го играат последниот меч во „Билјанини Извори“ во регуларниот дел од Супер лигата. Императивот во составот на Охрид е победа, која ќе ги доближи на меч од првата позиција во елитната ракометна лига.


– Натпреварите со Пролет и последниот со Радовиш од регуларниот дел во Супер лигата ќе ни бидат како тест средби за престојните мечеви кои не очекуваат во плејофот. Императивот како и до сега е победа и зачувување на првото место на табелата. – изјави десниот бек Лазар Адамовиќ.

Есенската полусезона составот на Охрид во Скопје триумфираше 29-25, а „пролетерите“ се еден од противниците кој во минатото не му лежеше на „гладијаторите“.

– Фаворити сме според местата на табелата, а наша обврска ќе биде да ја оправдаме таа улога и на теренот. Пролет е екипа составена од млади момци кои сакаат да се надигруваат и мечот ќе биде вистинско уживање за охридската публила. Оваа пролетна полусезона лично јас играм многу подобро од есенската, а исто така и Адамовиќ, па се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам во следните мечеви – дополни пивотменот Дарко Јанев кој ги повика охриѓани на елитен ракомет.


Натпреварот од 17-та рунда во регуларниот дел од Супер лигата започнува во 19 часот и 30 часот. Билетите за суперлигашкиот натпревар изнесуваат популарни 30 денари.

Мх.П.