Со работилницата за деца „Како настанува книга“ која ќе се одржи претпладне на 23-ти август на летната сцена на „Домот на поезијата“ во Струга, ќе стартува Програмата од овогодинешното издание на Струшките вечери на позијата. Истиот ден со почеток во 20 часот ќе биде отворен и Саемот на книга и Неделата на поетски и документарни филмови, во чии рамки ќе биде прикажан документарниот филм „Звуците на Ариранг“ – посветен на Ко Ун, добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2014 година.
На 24-ти и на 25-ти август во рамките на Саемот на книга ќе има книжевни промоции на македонската поетска продукција, а на летната сцена на „Домот на поезијата“ ќе бидат прикажани уште два документарни филмови во соработка со Фeстивалот на поетски филмови „Зебра“ од Берлин, Германија.
На 26-ти август со почеток во 10 часот во „Паркот на поезијата“ во Струга ќе се одржи традиционалното садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“. Истата вечер во хотелот „Дрим“ ќе биде отворена изложба на Александар Ѓорѓиев, по што во 20:30 пред платото на „Домот на поезијата“ ќе се одржи Свеченото отварање на фестивалот. По меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ предвиден е настап на музичката група „Фолтин“. Потоа ќе следува Поетско читање на учесниците во поетската платформа „Версополис“ и „Ноќ без интерпункција“.
На 27-ми август за учесниците ќе биде организиран излет до манастирот „Св. Јован Бигорски“ каде што ќе се одржи Меѓународното поетско читање „Кругови“. Истиот ден со почеток во 18 часот во Хотел „Дрим“ ќе има претставување на едицијата „Плејади“, по што ќе се одржи поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“. Во 20 часот ќе се одржи поетски времеплов „50 години Златен венец“, а во 21.30 часот на Сцената покрај езерото ќе се одржи Вечер на современа мексиканска поезија, поетското читање „Кругови“ и „Ноќ без интерпункција“. Во рамки на програмата, за овој ден предвидена е и „Поезија на пат“ односно поетски читања во Битола, Ресен, Скопје и Охрид.
На 28-ми август во текот на дневната програма во Струга ќе се одржи Симпозиум „Изгубено/најдено во преводот“ со Линда Марија Барош и Ерол Туфан, по што ќе следува „Поетски маркет“ – Средба со издавачи, агенти, професионални посетители. Веднаш потоа ќе следи Меѓународното поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта. Во рамки на вечерните активности ќе се одржи Вечер на македонската поезија како и Поетско читање на учесниците во платформата „Версополис“.
На 29-ти август во текот на дневната програма во Струга ќе се одржат два Симпозиуми „Изгубено/најдено во преводот“ со Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Кетрин Хедин, Виктор, Родригес Нуњес, Зоран Анчевски, а ќе се одржи и Портрет на Вера Чејковска, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2014 година. Исто така ќе се одржи и прес конференција на која ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2015 година.
Во 18:30 часот на плоштадот во Охрид пред споменикот на „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи поетско читање „Созвучја“, а во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Поетски портрет на поетот-лауреат на „Златен венец на СВП 2015“, Беи Дао. Во 23 часот, фестивалот продолжува покрај реката Дрим во Струга каде што ќе се одржи „Ноќ без интерпункција“.
Во недела на 30-ти август за учесниците ќе биде органиизран излет до манастирот „Св. Наум“ со брод, каде што ќе биде прогласена најдобрата песна посветена на виното In Vino Veritas. Во 20:30 на „Мостот на поезијата“, во Струга ќе се одржи меѓународно поетско читање „Мостови“ во чии рамки ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“. Веднаш потоа ќе има и прогласување на добитникот на наградата „Енхалон“.
Во рамки на програмата на 31-ви август во текот на денот ќе се одржи Поетско матине во Манастирот „Св. Андреја“ во Матка, а 21:00 часот ќе се одржи Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост во Скопје.
OhridNews