Во амфитеатарот на Македонската академија на науки и уметности во Скопје денеска ќе бидат прогласени лауреатите на Струшките вечери на поезијата за 2025 година.

Како што најавија од фестивалот, по прогласување на добитниците, традиционално ќе следи поетско читање на членови на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите, кои ќе ја споделат својата поезија, во чест на ова културно и поетско значајно случување.

Во 1966 година Струшките вечери на поезијата започнуваат со доделувањето на најголемото признание во светот за поетско творештво „Златен венец“, кое до сега го добиле најмаркантните фигури на во светската поезија.

Наградата „Мостови на Струга“ беше востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.

Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

„Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој од своите почетоци ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.

OhridNews