Можности за отворање нови работни места, економски раст, трансфер на знаење, образование и развој на вештини, подобрување на квалитетот на живот, урбаниот развој, мобилноста, можноста за развој на нови услуги ќе понуди развојот на Касарна Охрид во технолошко-рекреативна зона. Ова беше посочено на денешната презентација на Физибилити студијата на одржаната 40-та Седница на Совет.

Методија Саздов, дел од тимот кој ја подготви Физибилити студијата посочи дека целта е да да се прогласи Касарната во Охрид за технолошко-рекреативна зона со цел привлекување на странски и домашен капитал кој би инвестирал не само во зоната, туку и во Охрид со цел да се зголеми вработувањето, можностите и деловните релации.

Визијата која беше потврдена и на одржаната Јавна расправа е градот Охрид да ја трансформира економијата базирана на туризам во економија водена од услужни дејности, информации, услуги со високо додадена вредност, технологија заснована на знаење. Ова значи да собереме повеќе правни лица, физички лици кои своето знаење ќе го внесат во Касарната и ќе креираат нови услуги и можности. Се треба да се реновира и модернизира со цел да се стави во функција. Дел од објектите се во некаква функција, но таа функција не соодетствува со нашата замисла тоа да биде технолошка зона. Иако еден од објектите е реновиран не е согласно стандардите за инвестиции или влез на компании кои се од високо технолошката област, посочува Саздов.

Планот за развој, вели, е поделен во четири дела каде за планирање и подготовка се потребни две години, развој на инфраструктура и деловно привлекување 3-5 години, фаза раст откако ќе има корисници 6-8 години и одржливост и оптимизација од 9-10 години. Ова значи дека за десет години би имале еден амбиент во кој Касарната сама по себе е самоодржлива.

Планирани се три зони, од кои во првата зона потребно е да се направи модрена инфраструктура која би привлекла инвестиции или компании кои би изградиле објект. Во втората зона потребно е реконструкција и модернизација на постоечката инвфраструктура и уредување на парковското зеленило и дополнителни содржини. Во третата зона простор за рекреација со содржини кои ќе бидат интересни и за локалното населние, туристите и посетителите кои би дошле строго наменски само за таа зона.

Има Закон за технолошко-индустриски развојни зони, истакнува Саздов, со кој Охрид може да ја предаде Касарната на ТИРЗ и ТИРЗ да ги направи сите инвестиции.

Тогаш Општина Охрид нема ништо или можеби во соработка со ТИРЗ одрден процент би бил во функција да може Општина Охрид да го користи. Другата алтернатива е Општина Охрид да продолжи самостојно да ја управува Касарната или целата зона. Тука има мал хендикеп дека нема да може да ги даде државните субенции кои ги дава ТИРЗ. Одлуката е секогаш предмет на договор, во моментов Општина Охрид располага со дел од објектите, тие се две алтернативи за кои Општина Охрид ќе треба да преговара со самата држава, додава Саздов.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денес при увид на активностите на просторот кај поранешната Касарна истакна дека тука ќе биде најголемиот рекреативно авантуристички парк во Југоисточна Европа.

Согласно проектот е предвидено да се изградат два типа, односно едниот за деца од училишна возраст, а другиот за возрасни лица. Таму веќе се одвиваат подготвителните работи, по што следува поставување на реквизитите. Паркот е направен според ЕУ стандардот EN 15567 (15567‐1 и 15567‐2) и ќе користи еден од најбезбедните системи за ваков тип на активности. Безбедноста во паркот e на високо ниво и уживањето на корисниците на рекреативниот авантуристички парк е големо и најважно неговата изградба нема никакво негативно влијание врз животната средина и дрвјата.

Главната цел на проектот, потенцираше, е подобрување и проширување на туристичката и спортска понуда, со цел привлекување на странски и домашни посетители и групи, нудејќи им единствено катче за спорт, рекреација и дружење.

Тоа значи нова активност на свеж воздух, со ново искуство за посетителот, потенцира Пецаков.

Н.С.Ј.