Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална епидемија на новиот грип од типот А(Х1Н1). Оваа одлука уследи по брзото ширење на болеста на подрачјето на Австралија, каде се забележани над 1.200 инфицирани лица. Досега од вирусот се заболени околу 28.000 луѓе ширум светот. Официјални претставници на Светската здравствена организација соопштија дека пандемијата се прогласува поради големата географска распространетост на новата болест, а не поради нејзиниот интензитет.
    
Последната пандемија во светот е прогласена во 1968 година, поради ширење на хирусот кој потекна од Хонг Конг и усмрти околу еден милион луѓе.
Бројката на заболени лица расте
    
Според податоците на СЗО, од новиот грип во последните два месеца во 74 држави во светот починале 141 лице. Моментно се испитуваат над шестотини сомнителни случаи на инфицирани, кои покажуваат симптоми на грипот. Вчера во Романија е потврден нов случај на вирусот А(Х1Н1), кој е откриен кај маж на возраст од 48 години. Со тоа бројот на заболени во оваа земја се искачи на 10 лица. Канадските власти соопштија дека во државата се регистрирани нови 533 случаи на инфицирани од вирусот и дека е забележан неочекуван раст кај домородното население, Инуити. Вкупниот број на заболени во Канада се искачи на 3.000 луѓе.
    
Германските медиуми објавија дека во меѓународното јапонско училиште во Дизелдорф, од новиот грип заболеле најмалку 30 ученици, што претставува најголема група во Европа на едно место. Интересен е податокот дека едно од децата било инфицирано по неговото враќање од Малта. Состојбата во Велика Британија, исто така е алармантна. Бројката на заболени таму изнесува 750 лица, од кои 311 случаи се регистрирани во Шкотска.

Републичкиот Завод за здравствена заштита по прогласувањето на пандемијата, денеска упати апел до граѓаните да се придржуваат до препораките за повисок степен на хигиена, со
цел да се избегне опасност за потенцијална зараза од грипот А H1N1. Надлежните укажуваат дека граѓаните имаат висока температура, кашлање и малаксаност,
треба веднаш по телефон да го известат матичниот лекар, Брзата помош
или Заводот за здравствена заштита.

Ohridnews