Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на јужната и северната граница од земјата со што согласно правните прописи се отвара можност за соодветен ангажман и на Армијата на Република Македонија. Како што информира портпаролот на МВР, Иво Котевски, меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат во земјава од територија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.
– Заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку таканаречениот балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна, зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна. Ангажманот на армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил, согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиј потписник е Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Котевски.
За постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран Главен штаб при Центарот за управување со кризи кои треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности.
– Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека во најскоро време ќе биде утврден единствен, хуман одговор од страна на ЕУ, кој ќе ги опфати сите земји што се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, додаде Котевски.
Во последните два месеци, откако стапија на сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-33.461, потоа Авганистан-2.073, Ирак-1.947, Пакистан-1.198, Сомалија-561, Палестина-560, Конго-301, Бангладеж-230, Нигерија-142, Камерун-140 Еритреја-140, Етиопија-109, додека останатите се во помал број.
OhridNews