Бројот на заболени од морбили достигна 678 лица и постојано расте, поради што министерот за здравство Бујар Османи вчера потпиша одлука со која се прогласува епидемија во целата држава, јавува „Макфакс“.

„Се донесе заклучок да се вакцинираат сите граѓани од шест месечна до 40 годишна возраст. Досега тоа се правеше само во градовите каде што имаше појава на случаи, но од денеска со потпишување на одлуката, тоа се однесува на сите деца од шест до 12 месечна возраст и од 13 месечна возраст до 40 годишна возраст за сите што се со една доза вакцинирани или не се воопшто вакцинирани“, рече Османи

Покрај ова, Османи рече дека се креира и таканаречена „Брза патека“ за движење на пациентите, создавање на пунктови на лекари и медицински тимови во градовите  каде граѓаните кои што имаат симптоми ќе можат да се вакцинираат.

Поради опасноста за ширење на заразата, Министерството за здравство воведе и вонредни мерки .

Инфективните одделенија, односно болниците ќе треба да обезбедат посебни влезови и посебни стационарни одделенија за згрижување на пациентите со морбили.

Матичните лекари ќе имаат можност неограничено да даваат упати за инфективните одделенија без притоа Фондот да им ги пресмета во квотата за упатување.

Ќе се воведе  и ограничување на посети во болниците со посебен режим кој дополнително ќе биде разработен и доставен до болниците од јавниот и приватниот сектор.

OhridNews
извор: „Макфакс“