Марјан Радески професор по географија во ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид е добитник на Признанието просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година, кое уште го добија и професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка и педагогот Маринела Бошева од Скопје.

Марјан Радески професор по географија во ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид е добитник на Признанието просветен работник на годината

 

Министерката за образование и наука Мила Царовска, честитајќи им на наставниците кои со својот труд, креативност, иновативност и посветеност кон децата вклучени во училишно и предучилишно образование оставиле посебен белег, им посака и понатаму да останат високо мотивирани за работа и креативни.

Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.

Посебно важно е, додаде таа, во услови на пандемија просветните работници да не покажат слабост и немоќ, туку со сиот свој капацитет да се заложат воспитно – образовниот процес непречено да се одвива и во вонредни околности какви што сме немале никогаш досега.

Затоа просветните работници се и најважната алка во образованието. Како министерка за образование и наука ќе продолжам да се борам за унапредување на дигнитетот на професијата наставник и секој што одбрал да биде учител на нашите деца да го добие местото кое и го заслужува, нагласи министерката Царовска.

Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.

Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност самите просветни работници одлучуваат кому ќе го доделат признанието, рече Николовска-Георгиевска.

На средбата беше истакнато дека секое решение во образованието се креира преку инклузивен пристап, со учество на сите засегнати страни, вклучително и наставниците. Министерството за образование и наука со поддршка на просветните работници ќе продолжи и во периодот пред нас, затоа што од личната мотивираност и желба за работа на секој наставник најмногу зависи какви генерации ќе создадеме, стои во соопштението.

OhridNews