Деканот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид проф. д-р Сашо Коруновски е избран за нов ректор на Битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“.
Изборот бил направен на вчерашната седница на Сенатот на Универзитетот, во вториот круг на гласање, каде негов противкандидат била проф. д-р Јованка Тутеска од Високата медицинска школа-Битола и од Научниот институт за тутун-Прилеп. Според информацијата која беше објавена во медиумите, од гласовите на 43 сенатори, Коруновски освоил 26 гласа, а Тутеска 17 гласа.
Четиригодишниот мандат на позицијата ректор, проф. д-р Коруновски, ќе го започне на 1-ви октомври 2015 година, а дотогаш ќе остане на позицијата декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Во изјава за OhridNews проф. д-р Сашо Коруновски вели дека своите досегашни искуства во високото образование ќе ги вложи во подигање на Универзитетот на една висока позиција во образовниот простор на Република Македонија.
–Она што Универзитетот го прави посебен е неговиот регионален карактер, а тој карактер е онаа моторна сила што треба да го води напред и да создаде една цврста универзитетска целина. Визиите се да се подигне нивото на квалитет на високото образование и да се интезивира меѓународната соработка, која ние на Факултетот за туризам ја имавме интезивно, а тоа е едно големо искуство, кое сакам да го пренесам и во делот на целокупната универзитетска средина. Во делот на соработката со стопанството и бизнис заедницата, искуствата кои ги имам со Факултетот за туризам исто така ќе ми бидат драгоцени и ќе се потрудам да ги пренесеам на пошироко ниво, изјави проф. д-р Коруновски.
Коруновски кој минатата година го доби вториот мандат на позицијата декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид доаѓа на местото на проф. д-р Златко Жоглев кој на ректорската позиција се задржа два мандади.
Е.М