Што се однесува до изборот за десетте спортисти на Општина Охрид се направи права лакрдија, но пред се да им се извинам на избраните спортисти кои не биле виновни што некој игра со нивната судбина. Наиме клуб со реноме, рејтинг и традиција како Атлетскиот клуб Охрид, кој беше избран за најуспешен во Општината Охрид за 2012, не доби ниту еден атлетичар/ка во првите пет.
За да се стане најуспешен клуб се разбира дека треба да се има добри поединци. Ќе ги наведам и 19-те (деветнаесете атлетичари/ки) од АК Охрид во разни категории кои беа повикани во репрезентацијата на РМ, во2012 година: Сениори-ки: Славчо Мирчевски, Блажо Љушев, Александра Спасеска, Јулијана Вељаноска. Младинци-ки: Јован Мечкароски, Миле Илиевски, Ѓоко Јандриески, Методија Велков, Александар Ајкоски, Христијан Алачоски, Спасе Петровски, Росана Арсовска, Маргарита Арсовска, Марија Цветаноска, Ангела Секулоска, Пионери-ки: Ивона Димитриеска, Сара Цветаноска, Мартина Мироска, Николче Ристески.
Александра Спасеска од АК Охрид, Олимписки кандидат, освојувач на златен медал на Меѓународниот Атлетски Митинг – Пјетро Менеа што се одржа во Тирана, бронзен медал на Меѓународниот Атлетски Митинг Бар 2012 год..
Во тековната година освои 14 (четиринаесет) медали од кои 9 (девет) златни, 3 (три) сребрени и 2 (две) бронзени .
Во Р.Македонија во својата дисциплина нема ни приближен конкурент.
Учествува на Балканското првенство во сала за сениори-ки кое се одржа во Истанбул, Турција, на Балканското првенство за сениори-ки кое се одржа во Ескишехир, Турција,) Ако ја претставиме како долгогодишна атлетичарка можеме само да се восхитуваме на нејзините резултати уште од времето кога била и пионерка.
На 15 години имаше исполнето норма на 100м. за Светско првенство за млади младинки во Марокеш, Мароко.
Следната година учествуваше на Светското првенство во Пекинг, Кина за млади младинки.
На 17 години возраст беше дел уште од едно Светско првенство, овој пат во Острава, Чешка за постари младинки.
Како дел од атлетската репрезентација, има учествувано на голем број балканијади, европски првенства како и на многу меѓународни митинзи, каде што ги преставуваше боите на нашата земја во дисциплините 100м., 200м., скок во далечина и трискок.
Јулијана Вељаноска, член е во атлетскиот клуб Охрид уште од мај 2001 год. Нејзина дисциплина е фрлање диск и е најдобра во Р.Македонија. Исто така е најдобра и во дисциплината фрлање ѓуле.
Учесник е на сите натпревари според календарот на АФМ на домашен план, но учествува и на голем број Балкански и Европски натпревари како и на некои меѓународни атлетски митинзи. Има досега освоено 150 (сто и педесет) медали, од кои 64 (шеесет и четри) златни, 53 (педесет и три) сребрени и 13 (тринаесет) бронзени медали.
Во 2012 година има освоено 16 (шеснаесет) медали од кои 12 (дванаесет) златни и 4 (четри) сребрени медали.
Оваа 2012 год. е учесник на сите натпревари според пропозициите на АФМ, како и на Балканското првенство за сениори-ки кое се одржа во Ескишехир, Турција. Репрезентативка е на РМ во сениорска конкуренција.
Славчо Мирчевски роден 1991 година е најдобар сениор во својата дисциплина, скок во далечина, во која дисциплина е рекордер во младинска конкуренција со резултат 7,05 и е многу близу до соборување на сениорскиот рекорд. Има освоено 6 (шест) од кои 3 (три) златни, 2 (две) сребрени и 1 (една) бронзена медалја. Освен учеството на републичките натпревари, тој е член на репрезентацијата на Р. Македонија и учесник на Балканското првенство за сениори-ки кое се одржа во Ескишехир, Турција.
Кадети и јуниори со кадетски и јуниорски резултати им го зедоа местото на сениорите-ките со сениорски резултати во десетте најдобри во Општина Охрид.
Листата на десетте спортисти ја изменија поединци, покрај онаа за која беше даден последен збор од управниот одбор. Овој избор преставува резил за спортистите-ките. Незнам кој како ќе го сфати изборот за спортист 2012, но нека се погледне од реална страна. Како прво листата е променета, не знам како. Една листа беше изгласана на управен одбор, друга се даде на изборот. Тоа е мизерно од нечија страна, свое дете да се турка во десетте спортисти со јуниорски резултати, (не велам дека тоа дете не е квалитетен спортист), но резултатите се јуниорски. Д руго дете, (мислам дете) со кадетски резултат дојде на високо место во изборот, што е срам за спортот во Охрид. Се прашувам: ако тие деца утре постигнат еден просечен сениорски резултат, на кое место ќе бидат рангирани? И, прашувам: што со оние кои беа изиграни, разочарани? Се разбира, наведените спортисти од АК Охрид сметаат да се повлечат од спортот од причина што се нереално рангирани. Казнети место наградени.
Да не се разбереме погрешно, еден ден сигурно јуниорите и кадетите ќе бидат она што треба, вистински спортисти.За сето ова виновен, не е друг туку претседателот на Сојузот на спортови Охрид и лицата околу него , кои треба веднаш да го напуштат сојузот.
Ве молам родители и останати немојте погрешно да ме разберете, не пишувам за да ги оцрнам вашите деца, миленици-спортисти, но треба да бидеме сите реални, бидејки и останатите се деца на некои родители, на некој кој ги обожува како спортисти.
Проф. Влатко Димитров