Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето во среда на 27-ми јули во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирањe“ во продукција на Вардар Филм од Скопје.

Режисер на филмот кој е премиерно прикажан во 1991 година е Столе Попов, а во него играат актерите Мето Јовановски, Столе Аранѓеловиќ, Љиљана Меѓеши, Јовица Михајловски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински, Данчо Чевревски и други.

Дејството на филмот е сместено во летото 1989 година и го следи животот на работникот Илија, кој по низа апсурдни настани, иако потполно невин, завршува во затвор, обвинет за убиство, а подоцна и убиен од еден специјалец. Илија, кој и инаку, според својот нескротлив темперамент како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот, комунистичкиот режим во распад и по една караница со сопругата го напушта домот со единственото што го поседува, празниот куфер.

Филмот „Тетовирање“ е добитник на наградата „Гран При“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, како и наградата „Златна мимоза“ за најдобра режија на фестивалот во Ниш.

Проекцијата започнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.

OhridNews