Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде прикажан филмот „Среќна Нова 49-та“ во продукција на Вардар Филм од Скопје.
Филмот е снимен во 1986 година, под режисерската палка на Столе Попов, а во него играат актерите Петар Арсовски, Мите Грозданов, Александар Ѓорчев, Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Душко Костовски и други.
„Среќна Нова 49-та“ се смета за едно од најуспешните македонски филмски остварувања и е единствениот македонски филм, покрај „Црно семе“ на Кирил Ценески, што е избран да биде Југословенски кандидат за Оскар. Добитник е на низа награди и признанија, меѓу кои, како особено значајни се издвојуваат Гран при-то, „Голема златна арена за најдобар филм“ на Фестивалот на југословенскиот игран филм, оддржан во Пула во 1986 година, како и Првата награда од публиката на Меѓународниот филмски фестивал во Порто Алегре од 1991 година. Исто така ја има добиено и наградата „Златен гладијатор“, на југословенската филмска академија.
Филмот ја раскажува приказната за двајца браќа со различна идеологија и верувања. Драмата се случува во атмосфера на тензија и страв, за време на конфликтот помеѓу Комунистичката партија на Југославија и сталинизмот.
Проекцијата започнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.
OhridNews