На средбата припадниците на АРМ беа информирани за одредбите од Правилниците за станбено обезбедување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата со купување на стан во лична сопственост и Нормативите за изградба на станови од проектот.
-Спроведените анкети покажуваат дека интерес за проектот покажале 4300 вработени, што е импозантна бројка. Следува фазата на потпишување изјави на директо засегнатите за нивната имотна состојба, местото на живеење, местото на работење, бројноста на фамилијата, односно податоците битни за рангирањето, согласно правилникот за добивање стан, истакна Димитриев.
Тој истакна дека проектот е економски оправдан, бидејќи Министерството за одбрана годишно на име трошоци за закупнини на станови за вработените и за патни трошоци издвојува меѓу 4,5 до 5 милиони евра.
– Сметавме дека овие средства може многу порационално да бидат искористени, бидејќи на тој начин не се решаваше трајно проблемот со станбено згрижување на припадниците на АРМ, рече заменик-министерот за одбрана, кој изрази надеж дека идниот месец ќе биде отпочната тендерската процедура за реализиација на проектот.