На 30 ноември, сабота, со почеток во 20:00 часот, на малата сцена во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, ќе се одржи уникатен културен настан кој ги спојува танцот и филмот.
Во организација на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес, настанот е дел од последниот работен пакет „Напуштени места“, во склоп на проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици”, насловен „Напуштени места“.
Настанот ќе започне со проекцијата на краткиот експериментален филм „ЛИМА“ (13 минути), кој низ танцовиот медиум се обидува да им вдахне живот или да им даде поглед од нов ракурс на неколку простори во Охрид, кои припаѓаат на модернистичкото наследство. Режисерот Батухан Ибрахим и кореографката Ивана Балабанова го осмислија и создадоа овој филм кој, играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на овие простори, слушајќи ги нивните приказни и следејќи ја емоцијата, филмот креира еден нов свет во кој носталгијата се претвора во надеж, велат организаторите.
Извршен продуцент на филмот е Јасмина Билаловиќ, додека концептот е на Ивана Балабанова, Батухан Ибрахим, Јасмина Билаловиќ – по оригинална идеја на И.Балабанова. На филмот се потпишуваат режија: Батухан Ибрахим, кореографија: Ивана Балабанова, асистент на режија: Марија Бошковска, директор на фотографија: Стефан Ѓорѓиевски, композиција: Алесандро Ола, костим: Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ, Маја Ѓуреска, шминка: Павел Маслов, фотографија на сет: Ања Калин, видео на сет: Мартин Михајлов (Марсбен продукција), а во истиот играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт, Софи Ларсон.
По филмската проекција, публиката ќе има можност да го погледне танцовиот перформанс „Лиминално тело-2“, дело на кореографката Ивана Балабанова. Овој перформанс го истражува концептот на лиминалност како одраз на современото човечко искуство. Вкоренет во танцот, но збогатен со влијанија од музиката и театарот, делото го истражува внатрешниот пејзаж на поединци кои егзистираат во состојба на постојана трансформација, фатени меѓу транзициите и кои се борат да се прилагодат во светот што ги обзема. „Лиминално тело-2“ не е само апстрактен концепт, туку одговор на притисоците на модерниот живот – обид да се ослободиме од културните, социјалните и капиталистичките ограничувања, посочуваат организаторите.
Во танцовиот перформанс играат: Тереза Лазарев и Стефани Шааршмит, кореографија е на Ивана Балабанова, музика: Алесандро Ола, сценографија: Мартин Манев, костими: Маја Ѓурчиноска и Антонија Гугинска, светло: Игор Митревски, Борис Вељаноски и тон: Митко Серафимоски.
Вечерта ќе заврши со краток разговор со авторите, кој ќе им овозможи на присутните да ги споделат своите впечатоци и да добијат увид во креативниот процес потребен за создавање на овие дела, додаваат од Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес.
Влезот за настанот е бесплатен, но потребно е претходно да се резервира место преку испраќање на е-пошта на [email protected] или порака на бројот 070 250 500.
Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
OhridNews
Фото: Ања Калин