По повод Денот на млади – 12 август, а како дел од настанот Недела на млади, во Младински Центар Охрид, вечерва ќе се прикажува документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на македонскиот режисер од Охрид, Илија Пиперкоски.
Во документарниот филм се зборува за настанување на песната Охрид, Охрид, убав мил и низ прекрасен наратив гледачите ќе можат хронолошки да се запознаат со тајфите и трубадурите кои негувале чалгиска музика и животот на охриѓани преставен преку испеаните песни.
Ова е серијал што ги истражува душевните наративи вградени во македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските мелодии. Оваа серија е визуелно патување во срцето на македонското наследство, додека навлегуваме во универзалниот јазик што ги поврзува генерациите – музиката. Документарниот серијал ‘Раскажи песно’ се обидува да ги разоткрие приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни, претставувајќи го културното богатство на Охрид, град со право наречен музеј и уметничко богатство низ вековите, има кажано режисерот за својот филм.
Филмот ќе се прикажува во дворот на МЦО, со почеток во 20:40 часот, по самото отварање на настанот Недела на млади.
OhridNews