По ремито против Србија (1:1) во февруарскиот пријателски меч и победата над Хрватска (2:0) на крајот од квалификациите за ЕП 2008 година македонските фудбалски репрезентативци очекуваат добра партија и продолжување на успешната мини-серија на утрешниот пријателски дуел во Зеница (20.15 часот) против интернационалниот состав на БиХ. По пристигнувањето на Тасески и Трајнов нашата експедиција е комплетна. Меѓу првите пристигнати во хотелот „Радон плаза“ во Сараево допатуваа Влатко Гроздановски и Владе Лазаревски.
 
Првпат ќе играм против БиХ како член на А-тим. Очекувам добар и неизвесен меч. И домаќинот, како и ние, има интернационален состав. Соседи сме на рејтинг ФИФА-листата, што не’ обврзува за престиж. Во новиот квалификациски циклус сакаме да атакуваме на добар пласман, а за тоа ни се потребни победи. Треба да се навикнуваме на победничка игра низ подготовките. Најважно на овие средби ни е да одиграме онака како што ќе се договориме – вели Влатко Грозданоски.

Македонија, в среда во Зеница ќе го игра петтиот меѓусебен тест со БиХ. Двете селекции имаат скор од по една победа пред своите навивач и реми. Македонија победи и ремизираше во Скопје (1- 0 и 1-1), а загуби во Зеница (0-1) и ремизираше во Сараево (4-4). 

Оптимистички расположен во пресрет на дуелот со Босанците е и Владе Лазаревски, од неодамна член на украински Металист од Харков. И тој како и Гроздановски досега нема настап против нашиот утрешен ривал, но има високо мислење за селекцијата на БиХ.

Селекцијата на БиХ има солиден тим составен од многу проверени и докажани имиња. Посебно ова важи за Мисимовиќ. Што се однесува до самиот меч мислам дека вистинска прилика за надигрување и проверка на нашиот потенцијал. Полека го поправаме впечатокот во дуелите со репрезентациите од поранeшна Југославија, па се надевам дека по Хрватска и Србија ќе одиграме добро и утре во Зеница против БиХ– вели Владе Лазаревски

Натпреварот се игра утре со почеток во 20.15 со директен пренос на Сител Телевизија.