Во полн ек се градежните активности за поставување на првата фаза од проектот за електрика во охридската Гимназија, а во оваа фаза се работи каблирањето, проект во вкупна вредност од околу 3.400.000,00 денари, информира градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

По завршување на оваа фаза следи објава на нов тендер за комплетно довршување на електричната инсталација со сите потребни фази за што веќе е изработен проект и се обезбедени средства во буџетот на општина Охрид. Во текот на викендот буквално на првиот ден кога временските услови дозволија да има градежни активности се продолжи со работа на партерното уредување на дворот од Гимназијата, вели Пецаков.

Во периодот кој измина, а тоа најдобро го знаат учениците и вработените таму, посочува, дека нема ден без градежни зафати (без деновите кога не дозволувале временските услови) и решавање на сите наталожени со години проблеми.

Изработен е комплетен проект за реконструкција на гимназиската зграда со сите фази (архитектура, статика, електрика, водовод, машинство) и се очекува деновиве да биде аплициран до Министерството за транспорт и врски со цел добивање на соодветно одобрение. Во рамки на овој проект предвидено е реконструкција на кровот, внатрешна санација на ѕидовите заедно со излолација, промена на столаријата и реконструкција на подовите.

Додава дека завршена е комплетната реконструкција на тоалетите, набавката и поставувањето на системот за громобранска заштита, уредување на нови кабинети и простории во поткровјето, набавени нови клупи и столчиња, поставена новата ограда околу објектот.

Во моментов се работи на партерното уредување и гледам тоа е некако „трн во око„ на оние кои на секој начин се обидуваат да ме искритикуваат. Одлучен сум да работен посветено и од темел да ги менувам работите. Затоа пристапивме кон градежни зафати народски речено „под земја„ со цел Гимназијата да добие нова водоводна мрежа и приклучок, нова канализациона и атмосферска мрежа и на објектот на гимназијата и на спортската сала, дренажа се со цел влагата да биде изолирана и да не го нагризува објектот во темелите, завршено е поставувањето на новите кабли за елктрична енергија а во моментов се работи на нивелирање на теренот, потенцира Пецаков.

По завршување на фазата нивелирање, додава, ќе следи активност за поставување на бетонските постаменти за канделабрите, оформување на мултуфункционалното игралиште, поставување на патеката за трчање околу објектот на гимназијата, изградба на училниците на отворено, поплочување и уредување на просторот секако сето тоа во зависност од временските услови.

По однос на тендерските постапки за спроведување на овие активности, во Гимназијата се работи на многу проекти секој со различна динамика и време на траење и затоа не може буквално да се каже дека со нешто се доцни или заостанува. Веројатно секогаш може да се работи побрзо и поефикасно, но не секогаш тоа зависи од нас лично. Проектите се изработени од овластени архитектноски фирми со лиценци и цените кои тие ги предвидуват се пазарни. Објавените тендери се без скриени елиминаторни услови така што на нив секој може да се пријави. Ниту јас како Градоначалник, ниту раководниот тим на училиштето има било каква улога во тие процеси. Надзорот на градежните работи го врши овластена фирма за надзор на објекти со А лиценца, вели.

Пецаков уверува дека до крајот на неговиот мандат училиштето ќе биде со комплетно нов лик, а како локална самоуправа дел по дел се спремни да го завршат финански целиот проект сами.

OhridNews