Една недела по затворањето на гласачките места во Србија, тензиите растат околу изборите, особено оние во Белград, а опозицискиот блок „Србија против насилството“ на протестот во центарот на Белград порача дека нема да се откаже од поништувањето на изборите, додека владата ги отфрла сите тврдења за нерегуларности.

Нема да ја дадеме победата, извикуваат приврзаниците на опозицијата на денешниот протест во центарот на Белград, пред седиштето на главното избирачко тело.

Одредени лидери на листата „Србија против насилството“ се обиделе насилно да влезат во градското собрание на Белград, за кое тврдат дека е „нивно бидејќи победиле на изборите во Белград“, пренесува Би-Би-Си на српски јазик.

Додека дел од нив се обидуваа да упаднат, поддржувачите извикуваа: „Отворај, отворај“ и „победа, победа“, а еден од истакнатите претставници на опозицискиот блок Срѓан Миливојевиќ ја повика полицијата „да премине на страната на народот“. Ним им пришол претставник на полицијата кој ги предупредил дека присилното влегување во државен објект е кривично дело.

Поддржувач на опозицијата потоа со дршка од знаме го скршил стаклото на влезната врата на градското собрание во Белград.

Во зградата на градското собрание во Белград има припадници на полицијата во опрема за разбивање демонстрации.

Како што јавува репортерот на Н1, од прозорецот на зградата на градското собрание бил фрлен солзавец.

Поддржувачите на опозицијата за утре најавуваат блокади на одредени патишта во Белград, а некои политичари од блокот Србија против насилството на чело со Мариника Тепиќ продолжуваат со штрајкот со глад за да извршат притисок врз власта да ги исполни нивните барања за повторување на изборите.

Никаква револуција не е во тек

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во вонредното обраќање до јавноста вечерва изјави дека не е во тек никаква револуција и дека земјата е доволно силна да ги брани Србија и Белград.

-Ништо од ова нема да им успее. Се трудиме со блага реакција за да не повредиме некој од случајните учесници. Се собраа 2.490 луѓе, а во овој момент пред градското собрание има вкупно околу 1.195 лица, изјави Александар Вучиќ нешто по 20:00 часот во обраќањето до јавноста во врска со протестот на опозицијата.

Тој додаде дека во регионот „почнале да слават“ и да зборуваат за „успешната револуција што е во тек во Белград“, што, според неговите зборови, покажува дека вечерашните настани во главниот град на Србија „не се само производ на внатрешна мудрост и глупост, туку многу посериозни геополитички околности во кои се обидуваат да ја урнат независноста, самостојноста и суверенитетот на Србија“.

Некои го покажаа своето лице, дека насилството им е единствениот облик на борба, оцени Вучиќ.

Со денови укажувавме на тоа, го предупредувавме странскиот фактор за тоа, им благодариме на оние странски служби кои јасно ставија до знаење што се подготвува, рече претседателот на Србија.

Оние кои се колнеа дека се борат против насилството, рече тој, само уште еднаш потврдија дека се вистински насилници, силеџии.

Државата е доволно силна да ја брани Србија, да го брани Белград. Ќе бидат апсени бунтовниците и насилниците, и секогаш така ќе се однесуваме. Ќе ја зачуваме слободата, автономијата и независноста. Ќе ја браниме нашата Србија, само да го зачуваме мирот, државата е сигурна, ќе си ја зачуваме куќата, рече Вучиќ.

OhridNews
Извор/фото: МИА