“ На еден претседател на Месна заедница во село Куратица никогаш не му е својствено да манипулира со своите соселани.  Манипулирањето и лагите најчесто одат во комбинација со именувани функции како што е вашата” , стои во дописот испратен од претседателот на МЗ Куратица, Горан Ангелоски упатен до директорот на ЈП Комуналец, Сашо Алчев.
 
Претседателот на МЗ Куратица го прашува Алчев, која е таа институција која може и смее да наплаќа услуги кои не ги дава и доколку е законска обврска дали се однесува само за собирање пари од граѓаните или и за извршување на услугата која се наплаќа. Ангелоски го прашува Алчев да наведе барем една услуга која ја врши јавното претпријатие во селото.

– Да не е смешно би било навистина трагично Г-дине Алчев, да се повикувате на снегот и мразот на локалниот пат до селото Куратица. Во овој планински предел преку зима знае да наврне и до 1 метар снег, меѓутоа години наназад патниот правец не бил ниту еден ден затворен и секогаш бил навреме исчистен што е исклучиво заслуга на градоначалникот на општина Охрид, а не на вашата служба. За секое барање за интервенција, кажувате дека тоа не е во ваша надлежност и дека треба да добиете налог од општината, стои меѓу другото во дописот. 

Ангелоски го повикува Алчев на некој од локалните медиуми или пред селаните од село Куратица заеднички да разговараат и да ги разјаснат недоразбирањата.

Ohridnews