Не престануваат реакциите на засегнатите субјекти по преземањето од страна на ЈП „Билјанини извори“ на недвижниот имот кај каналот студенчишта, кој во минатото го користеше ЕК „Стрмец“. Истиот јавното претпријатие времено ќе го користи, односно ќе стопанисува со него, согласно одлуката донесена на почетокот од годината од страна на Советот на Општина Охрид.
За Едриличарски Клуб „Стрмец“ постапка била нелегално и насилно спроведена, обвинувајќи дека е повредено правото на сопственост, на што клубот се повикува по долгогодишното користење на просторот. Наспроти ваквиот став на ЕК „Стрмец“, дел од спортските работници, едриличари и клубови за водени спортови, пак, ја подржуваат одлуката стопанисувањето со просторот да го преземе ЈП „Билјанини извори“. Со тоа, според нив, ќе се се стави ред во каналот Студенчишта, бидејќи овој простор. Тие ја поздравија намерата на јавното претпријатие тоа да биде слободен простор, кој ќе можат да го користат сите активни клубови за спортови на вода и сопственици на едрилици, истовремено оградувајќи се од било каква нивна инволвираност и поврзаност со политички субјект.
На таквиот став лиферуван во јавноста деновиве, реагира ЕК „Стрмец“. Клубот смета дека се изнесени невистини, посочувајќи дека се работи за интереси на одредени лица со единствена намера да го присвојат просторот под параван за да се изгради Центар за водени спортови, кој веќе постои и кој е изграден од ЕК Стрмец. Клубот повикувајќи се на видео видео снимки од безбедносните камери во Центарот за едрење на вода, обвинува дека дел од тие лица кои имаат и пловни објекти во каналот, биле присутни во центарот при преземањето на просторот од јавното претпријатие, како и други лица на тој простор постојано биле присутни со свои клиенти за, како што стои во дописот во медиумите „поправка на едрилици, обука на кандидати за едрење и други активности од кои остваруваат и непријавени приходи, а сето тоа го прават со клучеви од влезните врати на Центарот, кои ги сечеа „случајно“, заедно со директорката на ЈП Билјанини извори.“
-ЈП Билјанини извори не носи никаква слобода нити ред во каналот Студенчишта, а дека тоа е така доволни се да се разјаснат неколку факти: просториите на Центарот се заклучени од нивна страна со незаконски постапки: „преземаат“ Центар за едрење на вода од непрофитна, невладина организација-спортско здружение заедно со членови на приватен спортски клуб и „преземаат“ центар за едрење, изграден за сместување и сидрење на повеќето едрилици во езерово, а со нивната одлука за сидрењето не се наплаќа за едилици. – потенцираат од ЕК „Стрмец“.
Клубот укажува дека сопственици на повеќе од 20 едрилици, повеќе од 30 години, слободно го користат просторот на Центарот за едрење на вода на ЕК Стрмец со целата инфраструктура изградена од ЕК Стрмец, како и сите домашни и странски спортски екипи, спортисти, едриличари, кајакари и други спортисти при нивниот престој во Охрид, Црвениот крст, како и секој кој воопшто побарал помош околу пловни објекти или останатите водени спортови.
Поради тоа што смета дека сериозно е оштетен и се повредени одредени права и прописи, ЕК „Стрмец“ најави дека случајот ќе го тера до крај и ќе бара бара кривична одговорност.
ОД ЈП „Билјанини извори“ ги отфрлаат изнесените наводи и нападите на нивна адреса. Директорката Гордана Јованоска, посочува дека јавното претпријатие само спроведува законска одлука донесена од Советот на Општина Охрид на 31.01., додавајќи дека се работи за имот кој всушност е сопственост на Град Охрид.
-ЕК „Стрмец“ Охрид во јавноста презентира дека полага право на просторот повикувајќи се на долгогодишното користење на истиот. Но, субјектот кој стопанисува со просторот две години нема поднесено завршна сметка до Централниот регистар, што е законска обврска. Дополнително, доколку општината некому даде на користење јавен простор, не значи дека истиот го отуѓува, односно се променила сопственоста, напротив, тој се уште е сопственост на Општина Охрид, која, сега, со законска одлука на советот го отстапува на времено користење на ЈП „Билјанини извори“. – истакнува Јованоска.
Директорката на „ЈП „Билјанини извори“, вели дека таа и претпријатието со кое раководи, работат по закон, додавајќи дека не страхува од најавите за кривична пријава.
-Од една страна секој може да поднесе кривична пријава, но сосема друго е дали таа е основана, тоа ќе го ценат надлежните институции, односно обвинителството. – ни рече во телефонски разговор директорката на ЈП „Билјанини извори“ Гордана Јованоска.
Јованоска уште истакна дека ЈП „Билјанини извори“ нема преземено никакви поконкретни дејствија на просторот кај каналот Студенчишта кој го презеде во владение и дека на ЕК „Стрмец“ му се дадени седум дена да си ги повлече опремата и реквизитите кои се наоѓаат таму, за да не дојде до нивно евентуално оштетување.
Г.М.
Спортски работници и едриличари со поддршка на општината да се воспостави ред во каналот Студенчишта
„Билјанини извори“ времено ќе стопанисува со земјиштето за сидрење пловни објекти кај Студенчишта