Продолжуваат меѓусебните препукувања на двете најголеми политички партии во Охрид, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. На пресот на ОК ВМРО ДПМНЕ одржан на 3 ноември , денеска реагираа од СДСМ.
Наместо да прашува ВМРО ДПМНЕ треба да одговори каде се новите работни места, странските инвестиции и стоте илјади компјутери за учениците, рече гласноговорникот на СДСМ, Анита Азеска.Наместо да троши милиони денари во сопствена промоција владата тие средства треба да ги инвестира во отворање нови работни места и во намалување на сиромаштијата, додаде Азеска.
Претседателот на ОО СДСМ Томе Чингоски уште еднаш запраша зошто не се преземени соодветни мерки за да се спречи поскапувањето на лебот и побара МВР да се позанимава со изјавата на портпаролот на ОК ВМРО ДПМНЕ дека од земјава за време на транзицијата биле изнесени 5 милијарди евра.
Чингоски одговарајќи на прашањето на ВМРО ДПМНЕ кој на кого му е шеф, тој на градоначалникот или обратно, рече дека Александар Петрески во 2005 година е избран за градоначалник и тој е шеф на сите вработени во општината, додека тој годинава е избран за претседател на ОО на СДСМ и е шеф на огранокот. Проблемот е во тоа што градоначалникот не е од ВМРО ДПМНЕ, која како што рече Чингоски, уште долго нема да има градоначалник во Охрид.
Запрашан каков ефект имаат ваквите партиски прес конференции во кои постојано се разменуват меѓусебни обвинувања Чингоски рече дека за разлика од 100-те чекори на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ има со што конкретно да се пофали на прес конференциите и дека и натаму ќе продолжи да ги промовира своите резултати и и активности во јавноста.
Г. Момироски