Од месец мај до сега нивото на Охридското Езеро бележи пад од речиси 80 сантиметри. На крајот од март и април, нивото на езерото се искачи над 694 метри надморска височина, а според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, тоа се наоѓа на 693,25 м.н.в. што е осум сантиметри над минималната кота утврдена со билатералниот договор со Албанија од 693,17 мн.в..

Охридското Езеро природно осцилира, но зачестија големите разлики. Тоа според експертската јавност се должи на климатските промени, но и на несоодветниот начин на регулирање на истекот на Охридското Езеро во реката Црн Дрим, по чие течение на македонска страна се наоѓаат две хидроцентрали.

Слична ситуација имаше минатата година во октомври, кога по долг сушен период нивото на Охридското Езеро се спушти под минимумот, за потоа во наредните месеци се зголеми за околу 80 сантиметри, што предизвика поплави во крајбрежјето, кои кулминираа со две силни невремиња минатиот март, кога беше предизвикана и поголема материјална штета.

OhridNews