До средина на месец август продолжува проектот на Црвениот крст од Охрид насловен како „Мајки“, во чии рамки експерти и врвни специјалисти од повеќе области вршат бесплатни курсеви и практична настава наменета за идните доилки.
Курсевите кои се одвиваат во просториите на општинскиот Црвен крст, траат пет дена по три часа во кои се вклучени оброк и освежување, а истите опфаќаат едуцирање на идните мајки во однос бременоста, правилното доење, исхрана и повивање, навремена вакцинација на децата и давање прва помош.
Сите оние кои ќе се пријават на овие бесплатни курсеви, ќе добијат прирачници на македонски јазик во однос на доењето и правилната домашна исхрана, како и прирачник за прва помош по најновите светски стандарди. Заинтересираните можат да се обратат во просториите на Црвениот крст Охрид.
Инаку, проектот се реализира во соработка со УСАИД Македонија и „Мировен корпус“, а го водат експерти од повеќе области. Дополнителен акцент се става на важноста и навременото примање на вакцините кај бебињата.
OhridNews