За петнаесет дена стручните лица при Завод и музеј Охрид продолжуваат со истражувањата на археолошките локалитети во Љубанишко поле, кои започнаа во октомври минатата година.

Од министерството за култура добивме средства за да продолжиме со доистражувањата во Љубаништа. Откривме кои локалитети постојат на просторот, врз основ на тоа ќе направиме и заштитно конзерваторски основи, кои потоа ќе ги доставиме до планерите кои ќе го  планираат просторот, при што ќе бараме градбите кои ги откривме да бидат интерполирани во просторот кој се уште не е урбанизиран, вели директорката на Завод и музеј, Тања Паскали Бунташеска.

Двата археолошки локалитети во Љубанишко поле се наоѓаат на просторот каде е предвидена изградба на туристички развојни зони, простор за кој интерес пројави и индискиот милијардер Субрата Рој со цел да гради луксузен туристички комплекс кој ќе се протега на површина од 240 хектари.

Ние досега немаме добиено никаков официјален документ околу проектот на Субрата Рој.  Единствено добивме барање од министерството  за транспорт и врски да информираме дали постои археолошки локалитет на овој простор. По нашата информација министерството за култура обезбеди средства за истражувањата , ги утврдивме границите и се она што сметаме дека треба да биде заштитено како културно наследство ќе стои во нашите основи. Кој ќе гради и како немаме сознанија, вели Бунташеска.

Археолошките истражувања во Љубаништа се одвиваат на два локалитети. „Раица“, во близина на автокампот Љубаништа, каде со сондажните археолошки истражувања во седумдесетите години на минатиот век бил евидентиран  ранохристијански црковен објект со поден мозаик, кој во релација со откриените сакрални објекти на Плаошник, Манчевци и Чобановци – во централното градско подрачје, Студенчишта и Св. Еразмо, може да се каже дека датира од V – VI век.

Втората археолошка локација е во близина на комплексот „Св. Наум“, каде се  евидентирани остатоци од средновековната црква „Св. Богородица“.

Т.К.