Продолжува водството на бразилецот Матеус Еванжелиста и французинката  Каролин Жуис и по вториот летечки спринт кај Метропол. Еванжелиста стигна прв со време од 4 часа 11 минути 29 секунди, додека Жуис со време од 4 часа 15 минути 7 секунди.

Во машка конкуренција втор стигна Доугкан Улач од Турција со време од 4 часа 15 минути 3 секунди, трет Марсел Схауле од Холандија со време од 4 часа 15 минути 9 секунди. Евгениј Поп Ацев на вториот спринт стигна четврти со време од 4 часа 17 минути 37 секунди, додека Александар Илиевски стигна седми.

Во женска конкуренција овојпат побрзо стигна Мајте Пука од Аргентина со време од 4 часа 19 минути 2 секунди пред Инес Делакроа со време од 4 часа 19 минути и 52 секунди од Франција. Женската тројка и по првиот и вториот спринт останува во ист состав.

Трката ја прекина хрватот Марин Могич кој го имаше водството кај Заливот на Коските, а беше и втор во машка конкуренција на првиот спринт кај Пештани. Од трката се откажа и Арион Будима од Косово.

Целта на Охридскиот маратон е Градскиот кеј, а се очекува првиот маратонец до финишот да пристигне околу 17:30 часот.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска