Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид, години наназад успешно опслужува бројни пациенти oд регионот кои имаат кардиоваскуларни заболувања реализирајќи значителен број здравствени услуги. Институција којашто не застанува во грижата за пациентите, истовремено станува и референтен центар за обука на лекари од нашата земја за одредени интеревентни процедури. Ова го истакна заменик министерката за здравство Маја Манолева при денешната посета на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид.
За да може да одговори на се поголемиот број пациенти, неминовно потребна е поддршка од Министерството за здравство, како во делот на медицинската опрема, така и во подобрување на просторните услови. Приоритет на болницата, во моментов е добивање на уште една ангио сала и уште еден ангиограф, за што установата има доставено и идеен проект.
Барањата од Институцијата се стигнати во Министерството за здравство. Се надеваме дека во наредниот период ќе можеме позитивно да одговориме, поради реалните потреби на пациентите, истакна заменик министерката за здравство Маја Манолева.
Изградбата на уште една ангио сала ќе значи намалување на листата на чекање на пациентите, а втор ангиограф поголема сигурност, вели директорката на болницата Д-р Елена Коваческа Башуроска.
Знаеме дека години нананзад се случуваше во неколку наврати дефект на апаратот и пациентите беа во суштина праќани на Клиниката за кардиологија, а одложувани беа пациентите за елективни ангиографии, што значи е голем проблем. Затоа е неминовна потребата за набавка на уште еден ангиографски апарат, истакна Коваческа Башуроска.
Во поглед на преселувањето на дел од дејностите на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во новиот оддел на ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, заменик министерката за здравство вели дека работите се поместени и дека во тек е постапка за преземање на објектот од страна на Министерството за здравство (МЗ).
Се надевам дека во наредниот период многу брзо ќе имаме конкретни информации за комплетно преземање на МЗ на тој објект. Надзорот треба да каже дали треба нешто да се поправи или не, но сето тоа ќе причекаме да го каже надзорот. Сметам дека последната гарнитура во рамките на МЗ презема сериозни чекори во однос на капиталните објекти, кои беа планирани и застанати. Тука ги вбројувам Клиничката болница во Штип, Болницата во Кичево и овој објект во Свети Еразмо, кој се надевам дека во близок период ќе имаат навистина точна завршница и ќе може да знаеме што понатаму со сите тие објекти, додаде Манолева.
Директорката Коваческа Башуроска потенцираше дека проектот го води МЗ, а како инситуција остануваат на тоа што е планска цел, а тоа е развој на нови дијагностички и нови тераписки процедури.
Затоа ни се потребни просторни капацитети, меѓутоа не се откажуваме и од онаа планска цел за развој на Регионален центар за акутен мозочен удар заедно со здравствените и технички капацитети на другите институции во регионот како по примерот на мрежата на акутен миокарден инфаркт, би се направила и мрежа за акутен мозочен удар која би го покривала цел Југозападен регион, додаде Коваческа Башуроска
Со поддршка Министерството за здравство, во 2019 година во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ почна со работа Одделот за електростимулација, каде се имплантираат електростимулатори за пациентите, а установата стана втор референтен центар во државата за имплантација на пејсмејкери. Во 2022 година набавен е најнов современ ехо апарат за ехокардиографија, а во септември истата година инсталиран е новиот ангиограф, посочи заменик министерката Манолева, најавувајќи идна поддршка за болницата.
Тука би сакала да ја споменам и реконструкцијата на објектот којашто е за добивање на енергетска ефикаснот, со грант добиен преку Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада во вредност од 350 илјади евра. Реконструкцијата е во тек, се надеваме на скоро завршување на објектот. Парцијално се работи заради потребите на болничкиот дел за да нема застој во работата и приемот на пациенти, потенцираше министерката Манолева.
Во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид годишно се изведуваат преку 2500 интервентни процедури, секојдневно се извршуваат преку 120 специјалистички прегледи, преку 50 ехокардиографии, над 40 стрес тестови и преку 40 доплери.
Н.С.Ј./Г.М.
фото. Б. Стојаноски