На ден 02.09.2015 год во периодот од 12 до 16 часот во заедничка и координирана контрола извршена од страна на овластени лица на Државиот инспекторат за земјоделство П.Е Охрид и езерската полиција во близина на Македонско-албанската граница затекнат е недозволен риболовен алат за лов на охридска пастрмка претходно поставен од рибари од Република Албанија.

Од водите на Охридското Езеро при надзорот извадени се околу 300 метри рибарски мрежи поставени за лов на охридска пастрмка со димензии на окца од 22 до 24 мм (од јазол до јазол). Во мрежите затекнати се 20 парчиња од охридска пастрмка – стрфови (маломерни парчиња од охридска пастрмка) во вкупна количина од 3 кг, односно со просечна тежина од 150 грама по парче, информираат од Државиот инспекторат за земјоделство П.Е Охрид.

Одземениот риболовен алат е недозволено риболовно средство согласно Правилникот за дозволени риболовни средства при вршење на стопански и рекреативен риболов, додека одземените парчиња на охридска пастрмка се со димензии помали од дозволените големини согласно Правилникот за големината на рибите под која не смеат да се ловат за стопански и рекреативен риболов, појаснуваат од инспекторатот. 

Како резултат на зголемениот број на заеднички контроли на овластени лица на Државниот инспекторат за земјоделство П.Е Охрид со езерската полиција и СВР Охрид во изминатите 8 месеци од 2015 год на риболовното подрачје Охридско Езеро, но и на останатите рекреативни зони и риболовни ревири од Југо-западниот плански регион откриени се за 43 % повеќе прекршители по Законот за рибарство и аквакултура споредбено со изминатата 2014 год. 

Надзорот над Охридското Езеро ќе продолжи со несмален интензитет и во наредниот период, најавуваат надлежните служби.

OhridNews

Рибниот фонд на пастрмка во Охридското Езеро се уште го чува само македонската страна